KLIKER

март 18th, 2012

Maшината и човекот

Кога компјутерот би имал душа,

би ги почуствувал ударите по тастатурата,

нулите и единиците во главата,

би ги дознал сите тајни јавно изнесени.

Кога компјутерот би знаел да збори,

би ме молел да му дадам пауза,

би ми зборел за електро – магнетно зрачење,

би ми указал на животно значење.

Кога компјутерот би можел да оди,

би го нарамил куќиштето,

би ја спакувал тастатурата,

би го покрил мониторот,

би ме оставил да ги принтам

мемоарите од еден живот.

февруари 8th, 2012

Зимска

Posted by in поезија

Времето е како створено за шоља чај,

се бараат слободни места во муабетчилница.

Местово е како создадено за зимска идила,

се бараат авторите на снежни топки.

Темата е како измислена за пишуванки,

се бараат добри познавачи на зборот.

февруари 2nd, 2012

Снежна покривка

Posted by in поезија

Снегот ги покрива сите траги,

дури и кучешките.

Мечкините одамна го спијат

зимскиот сон.

Снегот ги покрива сите траги,

дури и врапчешките.

Орловските залутале високо

по планините.

Снегот ги покрива сите траги,

дури и водените.

Кормораните залудно

го кршат мразот,

неуспешно е.

Снегот ги покрива сите траги,

освен љубовните.

Таму каде што љубовта грее,

секоја снегулка хаотично се клати,

секоја воздишка создава лавина,

секоја трага води кон срцето…

ноември 12th, 2011

Очен блиц

Posted by in поезија

Тежината на животот ја носам во клепките,

светлината ја кријам под капаците,

а ведрината ми се оцртува на веѓите.

Во солзите ги топам кристалите,

а боите на среќата ги разложувам

во зеницата…

октомври 17th, 2011

Менливо

Posted by in поезија

Почнав да го менувам расположението со тебе,

денот со ноќта, а ноќта со смајлови.

Почнав да ги менувам и годишните времиња:

паѓањето на лисјата со паѓањето на снегот.

Почнав да го менувам природниот амбиент:

долината на никелот со долината на волците.

Почнав да те менувам, да те усмерувам кон мене.

Почнав и јас да се менувам како месечните мени.

Од млада кон полна месечина.

Почнав…

октомври 7th, 2011

Бренд

Posted by in литература

Измислив нов збор. Го брендирав. Сите авторски права над него ги задржувам. Брендот се наоѓа во секоја моја реченица. Кога спојува светови, како сврзник. Кога разделува мисли, во улога на разделувач. Не се преведува на друга јазик, освен на мајчиниот. Не се сведува на необичен, обично стои до интерпункциски знак.

Измислив нов збор. Сега сум во потрага по соговорник.

септември 29th, 2011

Moите и твоите

Posted by in поезија


Моите 35 и твоите сочинуваат непарен број. Не се дели со два, а кога би, би имало остаток.

Моите 35 и твоите образуваат множество од заеднички елементи, а пресекот е секогаш поголем од пет…Стотинки.

Моите 35 и твоите се само години, чуствата не се делат и собираат.

Математички, емоциите не еволуираат.

септември 28th, 2011

Оставам

Posted by in поезија

Оставам…

На газарот малку парфем-

аромите ме враќаат во минатото…

Прашина на рамна површина-

иницијалите се почитливи…

Талог во филџанот-

сервисот мора да се сефтоса…

Празнина во душата-

да има што да се потполнува…

септември 15th, 2011

Систем на поврзаност

Posted by in поезија

Систем на поврзани садови

Ги измешав течностите

три капки од моето на

полн сад од твоето

и секое прелевање значи

само кружење од

потесно во подлабоко,

од  пошироко во поплитко.

Ги поврзав садовите

комбинирав провидни со солидни

сега течностите се движат

по нашето…

Систем на поврзани зборови

Ги измешав зборовите

три збора од моето

на пола реченица од твоето

значи недоразбирање

во говорот.

Ги поврзав речениците

прости со проширени,

просто – проширени…

Сега сложеноста се мери

според бројот на слогови

при емотивни влогови.

мај 27th, 2011

Љубовта

Posted by in поезија

Љубовта се сервира ладна. Секое загревање и го менува вкусот.

Љубовта се декларира независна. Секое коалицирање и го намалува кредибилитетот.

Љубовта се именува со повеќе имиња. Само едно и` е вистинско.

Љубовта се јавува само еднаш. Секоја копија е веќе доживеана.

Следна страница »
  • Monthly

  • Блогови

  • Мета

    • Subscribe to RSS feed
    • The latest comments to all posts in RSS
    • Subscribe to Atom feed
    • Powered by WordPress; state-of-the-art semantic personal publishing platform.
    • Firefox - Rediscover the web